Локални бизниси на иновативни начини поддржуваат непрофитни цели

Без разлика на големината, голем број компании спроведуваат програми за поддршка на активностите на непрофитни/граѓански организации во различни области. Причините за ваквиот придонес варираат од целосно алтруистички, до комбинација од алтруизам и деловен интерес, при што преку вложување во заедницата, компаниите создаваат услови за подобри деловни резултати.

Според најголемата организација за евалуација на работата на добротворните организации во САД, Charity Navigator, на годишно ниво, компаниите во САД донираат околу 4.8 милијарди долари на непрофитни организации со реализација на различни програми за донации. Списокот на најголеми корпоративни донатори го објавува Центарот за фондации (Foundation Center), набројувајќи ги 50-те компании кои одвојуваат најмногу средства на годишно ниво, како и сумите што ги издвоиле за одреден временски период (Извор: http://foundationcenter.org/findfunders/topfunders/top50giving.html)

Македонските компании ги следат овие трендови и сѐ почесто се иницијатори на различни кампањи, чија цел е да се поттикне, унапреди или подобри состојбата во различни сфери од општествениот живот. Следејќи го примерот на американските компании, каде на списокот на 50-те најдарежливи корпоративни донатори сите, без исклучок, се фондации, и кај нас формирањето фондација за реализација и поддршка на активности од општествено значење е чест начин што македонските компании го прифаќаат и применуваат, за што има повеќе примери.

Фондацијата „Аполонија“, формирана од Групацијата Аполонија во Гевгелија е исклучиво фокусирана на поддршка на активности од значење за локалната заедница во соработка со локални граѓански организации и институции. Активностите што ги поддржува фондацијата опфаќаат формирање на локален центар за волонтери, социјализација на деца со посебни потреби, ликовна колонија, поддршка на млади музички таленти, заштита на животната средина и едукација на најмладите за оваа тема.

„Фондацијата Даути“ исто така спроведува различни програми за поширок општествен придонес, нудејќи можности за стипендирање на студенти, практикантска работа, како и помош на социјално ранливи категории на граѓани и придонес во издавачката дејност. Оваа фондација има програма за доделување на грантови на граѓански организации.

На сличен начин своите општествено одговорни активности ги спроведува и компанијата за производство на градежни материјали Ренова, која преку Фондацијата „Ренова“ редовно доделува стипендии за ученици од техничките факултети и средни училишта, донира финансиски средства и дел од своите прозводи за реконструкција и изградба на верски објекти и го поддржува фудбалскиот клуб „Ренова“, зајакнувајќи го спортскиот дух кај децата.

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ формирана од Алкалоид АД во 2007 година, секоја година реализира програма за стипендирање студенти по фармација и медицина, поддржувајќи ги младите студенти да бидат поуспешни и овозможувајќи им понатамошен професионален развој.

Иако најголем дел од компаниите своите општествено одговорни активности ги спроведуваат во текот на целата година, има случаи кога во одреден временски период од годината некои од нив спроведуваат кампањи за интензивирање на нивните филантропски напори, спроведувајќи дополнителни активности, како аукции и други начини за прибирање средства што ќе бидат подоцна донирани.

Позитивен пример за донаторска кампања која се спроведува во Македонија веќе три години по ред е кампањата „Од срце за срце“. Кампањата ја спроведуваат СОС Детско село, Шпаркасе банка и Медија Принт Македонија, со цел да се соберат средства за испраќање на децата од СОС Детско село на летен одмор. Партнерите-организатори на кампањата, освен што поединечно придонесуваат со сопствени ресурси, ги поттикнуваат и сите останати да се вклучат и да донираат, но и ја стимулираат детската креативност и навика за помагање и донирање од најрана возраст. Повеќеслојното значење и придобивки од оваа кампања го мултиплицираат нејзиното значење и придобивки.