Како да донирам како граѓанин?

gragani-donacija

Донирањето е резултат на лична и најчесто емотивна одлука. Да се вложат сопствени пари, енергија, време и труд во нешто што верувате дека ќе им донесе придобивки на други луѓе и на заедницата е вистинска и храбра одлука. Затоа треба да биде и добро обмислена.
Во продолжение ви предлагаме три основни чекори кои треба да Ви помогнат да донирате на начин кој најмногу одговара на вашите можности.

Прв чекор: ПЛАНИРАЊЕ на донацијата

Во оваа фаза ќе најдете одговори на следните прашања:

  • Што можам да донирам? Донациите можат да бидат во форма на парични средства, но и во материјали добра, интелектуални и друг вид услуги што можете да ги ставите на располагање на оние на кои им се неопходни.
  • Каде и кому му се потребни моите донации? Направете свое истражување со кое ќе ја идентификувате областа во која сакате да донирате. Такви области се: здравството, социјалната заштита, културата, образованието и науката, спортот, заштитата на животната средина и сл. Откако ќе одлучите во која област да донирате, пронајдете го субјектот кој ќе биде потенцијален корисник (примател) на вашата донација.

СОВЕТ: Масовните медиуми и интернетот се непресушни извори на информации за вашето истражување. Обратете се во „Конект“ за насоки и совети кои ќе Ви помогнат да добиете повеќе информации и правилно да донесете одлука.

Втор чекор: РЕАЛИЗАЦИЈА на донацијата

Клучното во оваа фаза е да дојдете до одговор на прашањето – На каков начин да ја реализирам донацијата?
Постојат неколку начини како може да се реализира вашата донација. Ако се работи за донација во пари, тогаш треба да ја пронајдете точната трансакциска (наменска) сметка на примателот (корисникот) на донацијата. Може да донирате и преку купување влезници за хуманитарен настан (концерт, изложба и сл.), како и со јавување на посебни, наменски телефонски линии. Можете да донирате и материјални добра (алишта, покуќнина, прехранбени продукти и др.) и услуги (специјализирано знаење, вештини и др.), но во таков случај треба да се информирате за механизмот, местото и времето во кое ќе се одвива конкретната донаторска активност.

СОВЕТ: Разгледајте и информирајте се кои организации се занимаваат со прашањата од областа каде сакате да донирате. Закажете состанок со нив на кој ќе дознаете се што ви е неопходно за реализација на Вашата донација. Откако ќе ги добиете неопходните информации може да одлучите да ги донирате средствата на некоја од овие организации и на таков начин да се осигурите дека вашите пари ќе завршат онаму каде се најнеопходни.

Трет чекор: ПРОВЕРКА на резултатите од донирањето

Одговорниот донатор се грижи како се користи неговата донација и дали се постигнати очекуваните ефекти. Со тоа што ќе се интересирате како е употребена вашата донација покажувате дека навистина водите грижа за доброто на другите и за заедницата, што всушност е одлика на вистински филантроп.
Воедно, само доколку се уверите дека вашата донација вродила со конкретен резултат, тогаш полесно ќе одлучите да вложите повторно и повторно во некоја друга активност и проект од јавен интерес, што е една од целите на обмисленото донирање.

СОВЕТ: Во зависност од големината на донацијата, може да побарајте и извештај за резултатите од вашето донирање, затоа што тоа е првиот чекор со кој можете да добиете даночни бенифиции кои ви се овозможени со закон.