Како граѓанските организации прибираат средства од локалната заедница?
Граѓанските организации претставуваат исклучително значаен дел на заедницата во која делуваат. Тие се тесно поврзани со неа и можат прецизно да ги идентификуваат и да понудат соодветни решенија за локалните потреби. Но, освен што се заслужни за реализација на активности и проекти од значење за локалната заедница, граѓанските организации играат важна улога и во вклучувањето на поединците, компаниите, институциите, здруженијата и останатите засегнати страни во спроведувањето на овие активности.
Со градење на долгорочни врски и поттикнување на соработка со различни чинители во заедницата, се придонесува кон одржливоста на иницијативите од значење за заедницата, затоа што за нивна реализација се грижат токму оние што се најзасегнати. Во нивни раце се одлуките за тоа што ќе се реализира и можноста директно да придонесат кон решавањето на конкретните проблеми. Користењето на локалните ресурси при имплементацијата на одредени активности и проекти има повеќекратно значење како за заедницата, така и за граѓанските организации. Придонесот притоа може да биде од финански карактер, но и во форма на материјални добра, интелектуален труд, отстапување на простор и сл.
Прибирањето средства од локалната заедница бара посветеност, стратешки и организиран пристап. Бара вложување на повеќе труд, но е од непроценливо значење за одржливоста на граѓанските организации. Во секоја поединечна фаза од овој процес довербата е клучна. Секоја граѓанска организација мора да покаже дека работи одговорно, транспарентно и домаќински и дека собраните средства ги користи наменски, за постигнување вистински резултати и ефекти. На таков начин остава простор за долгорочна поддршка на своите активности од поединците или организаците кои еднаш донеле одлука да донираат средства или спонзорираат одредени активности.
За да бидете поуспешни во оваа исклучително важна активност, предлагаме неколку фази и совети за поединечните делови од овој процес. За повеќе информации погледнете ги кратките видео материјали во кои ќе пронајдете конкретни совети и алатки.
1. ПЛАНИРАЊЕ
Разработете детален план на активности, кои ќе ги реализирате откако ќе ги приберете средствата, како и буџет за потребните средства, кој ќе ги отсликува реалните потреби на организацијата. Важно е да имате јасна визија за тоа како и зошто сакате да реализирате одредена активност. Дадете одговор на следните прашања: Зошто сакаме да го третираме одредениот проблем? Како тоа прашање ја засега заедницата и потенцијалните донатори? Како планираме да го решиме тој проблем? Што ќе преземеме? Што ние потребно за реализација на дадената активност?
Во оваа фаза е значајно да направите и проценка на капацитетите со кои располагате, потребните ресурси, како и проценка на контекстот во кој делувате, за да поставите реални цели за износот на средства што ќе бидат собрани од активноста за прибирање средства.
СОВЕТ: За да постигнете пооголем успех, неопходно е да посветите внимание во обезбедувањето информации за планираната активност, нејзината важност и детали за очекуваните ефекти и резултати. Комуникацијата со потенцијалните донатори и јавноста на овие теми има огромно значење за успехот на активноста за прибирање средства.
2. ПОДГОТОВКА
Во оваа фаза е неопходно да ги идентификувате потенцијалните донатори и да создадете таргетиран приод кон секоја различна категорија на донатори. Идентификацијата на донаторите се прави во неколку чекори: изработка на профил на донатори, изработка на листа на донатори и подготовка на база на податоци за донатори. Откако ќе ги поминете овие чекори, следува обмислувањето на пристапот кон различните категории на донатори. Алатките кои ви стојат на располагање се: испраќање писма, директни средби со донаторите, донаторски касички, СМС линии, различни видови на специјални настани, кампањи за прибирање средства и сл.
СОВЕТ: Обезбедете доволно време за подготовка и резализација на активностите. Слабата подготовка и нереалните временски рамки можат сериозно да го нарушат успехот на активноста за прибирање средства.
3. РЕАЛИЗАЦИЈА
Во фазата на реализација од голема помош е создавањето на партнерства и здружувањето ресурси со други организации, создавањето пратнерства со други актери во заедницата, обезбедување писма за поддршка од релевантни партнери, вклучување јавни личности и трети страни кои ќе придонесат за видливоста, промоцијата и кредибилитетот на активноста, како и членувањето во мрежи и групи, што придонесува за обезбедување пристап до повеќе донатори. Особено е важно да се искористи помошта од волонтери кои ќе ги вклучите во реализацијата на активностите.
СОВЕТ: Во оваа фаза, активностите зависат и од тоа дали прибирањето на средствата се врши од поединци или од бизнис секторот, затоа што одредени алатки за прибирање средства се посоодветни и поуспешни во зависност од тоа за каков тип донатори станува збор. Без разлика на алтката која ја користите, направете сѐ за да создадете доверба и долгорочни односи со донаторите.
4. ОЦЕНКА и ОТЧЕТНОСТ
На крајот е неопходно да се утврди успешноста на активностите за прибирање средства и да се извлечат поуки што ќе овозможат процесот да се подобри во иднина. Уште поважно во оваа фаза е да се известат донаторите за резултатите од активноста, но и од тоа како биле искористени и какви се крајните ефекти постигнати со нивна помош. Користењето на благодарници, извештаи, писма со информации и фотографии за да се известат непосредно по завршувањето на активноста за прибирање средства, но и редовни информатори за понатамошното користење на средствата, ќе придонесат донаторите да се чувствуваат добро за вложените средства и време, да бидат задоволни дека дале вистински придонес и подготвени повторно да донираат во вашата организација.
СОВЕТ: Предвидете организација на јавен настан за комуникација на резултатите од спроведените активности и начинот на кој се употребени средствата. Ќе постигнете поголема видливост и согледување од јавноста за обемот на спроведената иницијатива.