Како мојата компанија да донира?
Компаниите се важен и влијателен дел од секоја заедница. Притоа не е важна нивната големина. И малите и средните компании, исто како и големите, располагаат со материјални и човечки ресурси со кои можат да предизвикаат квалитетни промени, да го унапредат квалитетот на животот на луѓето и да поттикнат развој во области значајни за заедницата и општеството во целина. Најважно е да се има добра волја и желба да се помогне. Но, истовремено е важно компаниите, без оглед колку се големи, да имаат концепт и план каде да ги реализираат своите донации. На тоа во суштина се темели концептот за корпоративната филантропија која има развојна димензија, односно се стреми преку донациите да навлезе во коренот на некој општествен проблем и да придонесе кон неговото разрешување.
Општествено одговорните компании се свесни за ваквиот потенцијал што го поседуваат. Следните неколку фази и чекори се наменети да им помогнат истиот да го стават во функција.
- ИСТРАЖУВАЊЕ и АНАЛИЗА
Во оваа фаза треба да ги направите следните неколку чекори:
- Преку анализа на можностите да се утврдат внатрешните материјални и човечки ресурси кои компанијата може да ги донира;
- Врз основа на анализата на ситуацијата во непосредното и поширокото опкружување во кое се наоѓа и работи вашата компанија, да се идентификуваат областите од јавен интерес и потенцијалните корисници кон кои ќе се насочат донациите;
- Корисно е да се изврши и анализа на досегашните ваши корпоративни донации и ефектите од нив.
СОВЕТ: Назначете тим од одговорни и посветени лица кои ќе се грижат за реализација на сите планирани донации на вашата компанија. Погрижете се во целиот процес активно да се вклучат раководните луѓе во компанијата.
- ПЛАНИРАЊЕ
Откако ќе стане јасно со што располагате и каде би сакале да донира вашата компанија, на ред се следните неколку чекори:
- Одредете конкретни цели и мерливи резултати за ефектите кои сакате да ги постигнете со донирањето. Притоа одговорете си на прашањето дали донациите ќе бидат поврзани со деловните цели на компанијата?
- Одберете соодветен пристап како ќе ги реализирате донациите. На располагање ви се голем број можности: доделување грантови на организации и фондации, да обезбедите бесплатна експертска помош и услуги, да донирате ваши производи…
- Напрaвете временски план за имплементација – Распоредете ги поединечните донации во одреден временски рок (на пример во текот на една година) водејќи се од конкретните цели и резултати што сакате да ги постигнете.
СОВЕТ: Одберете партнер кои ќе ви помогне во планирањето и реализација на активностите. Тоа може да биде соодветна граѓанска организација, фондација или специјализирана агенција, која со својата експертиза и идеи може да ви помогне поуспешно да ги постигнете посакуваните цели.
III. РЕАЛИЗАЦИЈА
Откако сте направиле план, сте одредиле пристап и партнери, почнете да го остварувате тоа што сте го замислиле. Бидете храбри и уверени дека тоа што го правите навистина направи разлика и ќе има значење за оние на кои им е наменета вашата донација.
- ЕВАЛУАЦИЈА
Континуирано следете го остварувањето на поставените цели, измерете ги резултатите и доколку е потребно направете измени и адаптација на планот на донации.
На пример, доколку сте донирале апарати за некоја болница измерете каков е ефектот од оваа ваша донација врз задоволството на пациентите.
Откако ќе го реализирате планот подгответе завршен извештај и со него запознајте го раководството, останатите вработени во компанијата и вашите партнери. Резултатите од тој извештај може да бидат одлична мотивација за нови донации во активности и проект од јавен интерес, што е една од целите на обмисленото и планско донирање.
СОВЕТ: Подгответе ја целокупната документација што ја бара Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности затоа што тоа е првиот чекор со кој можете да обезбедите даночни олеснувања за вашата компанија. На оваа интернет платформа може да ги најдете сите неопходни информации и формулари за административната постапка за искористување на даночните бенефиции предвидени во законот.