ЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА ЗА ЗАКОНОТ И НИВНИ ОДГОВОРИ

gragani-zosto

Законот за донации и спонзорства во јавните дејности се користи кога за донациите и спонзорствата сакате да користите даночни бенефиции. Во сите останати случаи не сте обврзани да го следите законот.

Во законот донација е дефинирана како доброволна и безусловна помош во парични, материјални средства и услуги која може да биде дадена за остварување цели од јавен интерес. Давателите (донаторите) немаат директна корист од донациите, а примателите немаат обврска за враќање на донираниот износ.

Законот спонзорство го дефинира доброволна финансиска исплата, давање добра или услуги која овозможуваат реализација на конкретен проект или активност од јавен интерес. При спонзорирањето, давателот има директна корист која може да биде во форма на промоција, односно јавно објавување на неговото име, фирма и заштитен знак.
Во суштина основната разлика е тоа што кај спонзорството на давателот му е овозможена поголема промоција и видливост. Во случај на спонзорство промоцијата на давателот може да вклучува следното:

  • Логото на спонзорот да биде содржано во сите електронски и печатени материјали;
  • Видлива употреба на заштитните бои на спонзорот;
  • Опис на добрата и услугите што ги нуди спонзорот во промотивните материјали на примателот;
  • Употреба на логото на примателот од страна на спонзорот за промотивни цели;
  • Ексклузивно право на продажба на добра и услуги на спонзорот за време на настани организирани од примателот и сл.

Кај донацијата (иако дискретна промоцијата е можна) давањето не е поврзано со повратна корист. На пример, фирма може донира во „шелтер“ центар за жени жртви од семејно насилство и тоа не се промовира јавно.

Даночните олеснувања во суштина се поврзани со фискалната година и завршната сметка. Од тука доколку договорот за донација или спонзорство трае неколку години потребно е за секоја година одделно да ги имате предвид износите што се префрлени на име на донација. Првата година со завршната сметка ќе барате даночни олеснувања на трансакциите направени во првата фискална година и така последователно и за следните години. Некои даватели тоа го прецизираат со договорот за донација/спонзорство каде утврдуваат рати на исплата во секоја година на имплементација.

Доколку сакате да користите даночени ослободувања истиот е потребен. По исклучок писмен договор може да не се склучи кога примател на донацијата или спонзорството е здружение на граѓани или фондација која е основана или се стекнала со статус на организација од јавен интерес согласно Закон, при што како основ за даночно олеснување ќе се сметаат извршените уплати на средства на посебна трансакциска сметка на Здружението или Фондацијата отворена за конкретната намена. Во ваквите случаи потребна е нотарска изјава дека договор не постои.

Граѓанинот (физичко лице) кој донира средства на правно лице има право на намалување на пресметан или враќање на платен персонален данок во висина на донацијата, а најмногу до 24.000 денари или не повеќе од 20% од износот на неговиот годишен персонален данок.
Ова значи дека по обработка на поднесената годишната даночна пријава износот што сте го донирале ќе се одбие од годишниот персонален данок доколку не е поголем од 24.000 денари или не е 20% од вкупниот годишен персонален данок.

Пример/пресметка
Вашиот приход е само од плата што изнесува нето 21.000 денари. Во таков случај персоналниот данок што го плаќа вашиот работодавач на годишно ниво е 18.624 денари. Ова значи дека можете да добиете враќање на данок до 3.725 денари (што е 20% од годишниот персонален данок и е помалку од 24.000 ден). Ова значи дека доколку во текот на годината сте донирале вкупно 3.000 ден, во согласно процедурата на Законот, може да го повратите средствата во целиот износ. Ако сте донирале 6.000 ден., вашата бенефиција ќе изнесува 3.725 ден.

Важна напомена: Ако сакате да ја користите оваа даночна бенефиција за дадена донација, треба да поднесете годишна даночна пријава и во случаи кога вашите примања се само од плата.

Според Законот за донации и спонзорства во јавните дејности „Примател на донација може да биде домашно правно лице. (2) Како примател на донација може да биде и странско правно лице кое има непрофитен карактер за остварување јавен интерес во друга држава во случаите на елементарни непогоди, природни и хуманитарни катастрофи.” (член 7 (1)-(2) од Законот)

За да се користи Законот и бенефициите што ги нуди примател не може да биде физичко лице. За повеќе информации:

Давателот и примателот на донацијата и спонзорство имаат право на даночни поттикнувања од следните даноци:
1. персоналниот данок на доход;
2. данокот на добивката;
3. данокот на додадена вредност;
4. даноците на подарок, наследство и имот.

Повеќе информации може да најдете во:

Дефиницијата на јавна дејност вклучува различни области на активности. Околу 50 закони во различни области дефинираат јавни дејности.

Проверете дали активноста што ќе ја спроведете до донацијата/спонзорството спаѓа во следниве области: заштита на правата на човекот и граѓанинот, образование, наука, развој на информатичкото општество и пренос на електронски податоци, култура, спорт, здравство, социјална заштита, заштита на лица со инвалидитет, крводарителство, детска заштита и заштита на животната средина, спречување на корупција, намалување на сиромаштијата, економски развој и други.

Во Законот за донации и спонзорства, дефиницијата на јавна дејност се разликува од јавен интерес. Всушност, овие активности треба да бидат во согласност со јавниот интерес за да можете да користите даночно поттикнување.
Дефиницијата на јавен интерес вклучува поддржување или промовирање на дејности во различни области вклучувајќи: заштита на правото на човекот и граѓанинот; промоција на културата; етика; образование; наука; развој на информатичко општество и пренос на електронски податоци; спорт; заштита на животната средина; социохуманитарни дејности; развој на граѓанско општество; промовирање на крводарителството; промовирање на меѓународната соработка. Слично на дефиницијата на јавна дејност, листата служи како пример и други закони можат да утврдат дополнителни области.

За потврда на јавниот интерес се обраќате до Министерството за правда. Користете ги формуларите и урнеците од овој ЛИНК

Донаторот и спонзорот ќе ги преземат следниве чекори со цел да можат да добијат даночно поттикнувањ:

1. Склучување на писмен договор за донација/спонзорство ИЛИ(во случаи определени со Законот) потпишување на нотарски заверена изјава во отсуство на таков писмен договор;

2. Барање до Министерството за правда да издаде решение со кое се потврдува јавниот интерес на донацијата или спонзорството;

3. Исплата на донацијата/спонзорството пред или после решението за потврдување на јавниот интерес и барање на писмена потврда издадена од примателот на давателот;

4. По добивањето на позитивна одлука, заведување на донацијата и спонзорството во сметководствена евиденција како признаен расход во случајот на правните лица;

5. По добивањето на негативно решение или кога не е донесено никакво решение, правен лек против решението на Министерството за правда;

6. Поднесување на потребната документација до надлежниот орган за да се побара бараното даночно олеснување;

7. Поднесување на извештај за дадената донација / спонзорство од страна на давателот и корисникот во рок од најмногу 30 дена од денот на исполнувањето на договорот.

Се што ви е потребно може да најдете на оваа интернет платформа. Погледнете го Упатството за користење на законот. Слободно побарајте не за примероци во хартиена форма.

Давателот или примателот треба да поднесе барање до Министерството за правда за потврдување на јавниот интерес од донацијата или спонзорството. Барањето во зависност дали сте приматели или даватели може да ги преземете го на овие линкови:

Барањето треба да се поднесе до Архивата на Министерството за правда во печатена форма. За потврдување на јавниот интерес треба да се плати и административна такса. Постојат два едноставни начини за плаќање на административните такси освен со уплатница:

1. Испратете SMS до 144 166 со префиксот на вашиот мобилен оператор со следнава содржина: :ТМ <Име><Презиме><Износ>.По кратко време ќе добиете SMS со број на трансакција којашто треба да биде напишана на документот.

2. Исто така, постои апликација за андроид/смарт телефон којашто е достапна на овој ЛИНК, но за целите на овој Закон, врз основа на практичното искуство се препорачува SMS опцијата.
Во прилог на барањето поднесено на пропишан образец, следните документи се приложуваат кон барањето:

A. Писмен договор за донација/спонзорство;

Б. или во случај да нема писмен договор, примателот доставува:(1) акт за основање; (2) решение за статусот на примателот за јавен интерес во согласност со соодветниот закон (доколку е применливо), (3) биланс на состојба на примателот не постар од 6 месеци издаден од Централниот регистар на Република Македонија, (4) потврда за средствата уплатени на посебна трансакциска сметка, (5) нотарски заверена изјава за донацијата.

Потребно е да се обратите до мобилните оператори за да отвори телефонска линија за таква намена. Телефонските оператори располагаат со посебно кодирани броеви за услуги со дополнителна вредност. Операторите го регулираат начинот на кој броевите се користат/дистрибуираат при регулирањето на интерните процедури. За да се користи Законот, потребно е прибраните средства се користат за целта од јавен интерес за којашто е отворена телефонската сметка. Примателот ќе добива телефонска сметка секој месец врз чија основа му дава потврда на давателот.

Законот овозможува ослободување на ДДВ на теледонациите чија намена е од јавен интерес. Постапката за ослободување може да ја иницираат телекомуникациските оператори.

Средствата е потребно да се користат за соодветната намена. На пример, ако настанот е организиран од страна на некоја локална фондација за да се соберат пари за реновирање на детска градинка, собраните пари не можат да се користат за молерисување на други згради во соседството.

Сепак, во Законот не е утврдено што може или треба да се направи со донација ако таквата цел стане излишна како резултат на некои неочекувани околности или ако истата се постигне без да се потрошат сите собрани средства. Со цел да се спречат ваквите ситуации, ние би препорачале во вашиот договор за донација/спонзорство да вклучите одредби во однос на тоа што ќе се случи со останатите средства во случај целта да стане излишна или да се постигне без да се потрошат сите собрани средства. Доколку во вашиот договор не е вклучена таква одредба, може да се обратите до државните органи со цел да добиете дополнителни насоки за тоа како треба да се потрошат средствата.

Наш совет е во договорот за донација да бидат вклучени следните информации:

  • Податоци за донаторот и за примателот (име, адреса, претставник);
  • Цел на донацијата;
  • Предмет на донацијата;
  • Износ или вредност;
  • Услови за плаќање или испорака;
  • Нацрт-временска рамка за спроведување на активностите;
  • Кој суд е надлежен во случај на судски спор.

Покрај претходно наведеното, договорот за спонзорство треба да ги содржи и условите за промоција. Врз основа на праксата, ние би препорачале да се вклучат доволно информации за целта на донацијата и за мисијата на организацијата со цел да се осигури дека Министерството за правда и надлежните органи ќе можат лесно да го потврдат јавниот интерес од истата. Доколку е можно, можеби ќе сакате да вклучите посебен документ којшто ќе содржи опис на проектот, иако ова не е барање пропишано со закон.

Од помош ќе ви бидат урнеците достапни на овој ЛИНК.

Примател потребно е да биде организацијата што реално ја врши активноста од јавен интерес. На пример: Граѓанска организација организира настан од јавно значење. Фирмата (донатор/спонзор) е заинтересирана да ги плати директно трошоците (фактурата) за изнајмување на простор за настанот. Во ваков случај договорот ќе биде склучен помеѓу граѓанската организација (во својство на примател) и фирмата (во својство на давател) при што во договорот ќе биде истакнато дека давателот ќе изврши директна трансакција на фирмата Х која го изнајмува просторот за одржување на настанот.

Секако дека може. Кога организаторот на настанот за прибирање на средства е различен од примателот, организаторот е должен да ги уплати средствата прибрани за донацијата на трансакциската сметка на примателот на донацијата во рок од 30 дена од денот на завршувањето на настанот за прибирање на средства. Ваков случај може да биде на пример кога здружение организира хуманитарна аукција на детски цртежи за да прибере средства за локален дом за деца без родители.

Начинот на спроведување на даночното поттикнување кога примател на донација добива финансиски средства и истите ги користи за плаќање на набавки на добра и услуги со цел за реализација на јавниот интерес, се врши преку обезбедување на средства од Буџетот на Република Македонија за плаќање на данок на додадена вредност, а со враќање на уплатениот данок на додадена вредност на сметката на вршителот на прометот.

Вршителот на прометот, уплатата на данокот на додадена вредност, ја врши со налог за јавни приходи (oбразец ПП-50) на Трезорска сметка 100000000063095 – Народна банка на Република Македонија, уплатна сметка 840 – (ознака на општината) – 02902, приходна шифра: 714119, програма: 00, повик на број – задолжување: во кој се наведува бројот на фактурата за извршениот промет, цел на дознака: данок на додадена вредност по основ на донации.

Потоа, примателот поднесува на образец (ЗДС/ФС-ДДВ) со дополнителна документација односно фактурите за коишто се бара повратот на ДДВ.

Целата постапка подетално е опишана во Правилник на Министерството за финансии. Образецот ЗДС/ФС-ДДВ може да го преземете ТУКА.

 

Постави прашање

konekt@konekt.org.mk