Сакам даночни бенефиции

За законот

Во април 2006-та година, за прв пат во Република Македонија, беше донесен Закон за донации и спонзорства во јавните дејности. Законот овозможи граѓаните (физичките лица) и компаниите, здруженијата, институциите и друг вид организации, како правни лица, да добијат серија даночни олеснувања при реализација на донации и спонзорства во области, проекти и активности од јавен интерес. Оттогаш законот претрпе неколку измени и дополнувања, при што последните се усвоени во 2014-та година (Закон за донации и за спонзорства во јавните дејности, „Службен весник на РМ“ број 28/14).

Законот предвидува низа даночни бенефиции и тоа: на персоналниот данок на доход, данокот на добивка, данокот на додадена вредност и даноците на имот. На ваков начин се мотивираат потенцијалните даватели да донираат финансиски, материјални средства, услуги и други преносни права, а воедно се признава и значењето на оваа форма на општествено одговорно делување.

Министерството за финансии, Министерството за правда и Управата за јавни приходи се клучните државни институции задолжени за реализација и контрола на процесот на даночните олеснувања предвидени со Законот. Секоја од овие институции, во својот домен и овластувања, ги има донесено сите соодветни правилници, обрасци и формулари, неопходни за исполнување на административната постапка за добивање на даночните олеснувања за давателите и примателите на донации.

Сите информации за постапката и неопходните формулари за искористување на даночните бенифиции можете да ги најдете на оваа интернет платформа.