Што е паметно донирање?

opstestvo

Во Македонија се донира, тоа е факт. А тој докажува дека македониските граѓани и компаниите ги поседуваат вредностите на филантропијата и грижата за заедницата, тие сакаат да помагаат кога другиот е во неволја. Истражувањата покажуваат дека повеќе од половината од компаниите со седиште во Македонија донирале во текот на годината.

Истите податоци покажуваат и дека кај нас најчесто донираме инцидентно и на импулс – тогаш кога тоа некој ќе го побара од нас. Во тој момент одлучуваме дали, што и колку некому ќе му донираме. Неспорно е дека и ваквата помош е добредојдена. Сепак, на овој нашин се даваат стотици и илјадници евра, а притоа немаме повратна информација за тоа дали навистина се помогнало во неволјата, за што реално се потрошени средствата и, што е најважно, дали со донацијата сме придонеле проблемот долгорочно да се надмине.

Но, има ли подобар начин на донирање, таков што ќе донесе најдобро искористување на помошта и што ќе води кон долгорочно решавање на конкретниот општествен проблем?

Нашиот одговор е ДА – треба да се донира паметно! Кога зборуваме за паметно донирање, пред сѐ мислиме на планирање, кое треба да го даде одговорот на прашањето „Како мојата донација најдобро ќе придонесе во решението на проблемот?“.

Најпрвин, ги планираме средствата кои во текот на одреден период можеме да ги донираме. Притоа, не треба да нѐ обесхрабрува што најчесто тие средства се помали од оние за кои сметаме дека се потребни. Многу проблеми што барале големи средства и координација се решени токму со помали донации од повеќе донатори. Потоа, ја анализираме и определуваме областа во која сакаме да го дадеме својот придонес. Така, често можеме да ги откриеме токму сферите кои се од наш интерес, а притоа решаваат некој општествен проблем. Откако ќе се одлучиме за областа на донирање, го определуваме начинот на кој средствата најдобро ќе бидат искористени. И на крај, се разбира, како ќе го вреднуваме ефектот на донацијата.

Ние веруваме дека одговорот на сите овие легитимни прашања на секоја донација е во здружувањето. И тоа со оние кои најдобро ги познаваат областите на донирање и комплексните општествени услови во нив. Најчесто тоа се граѓанските организации специјализирани за одредени општествени појави. Нивната упатеност во конкретни области од животот на заедницата, искуството од имплементираните проекти и знаењето за улогата на сите вклучени страни се од огромно значење за постигнување на најголемиот можен ефект од секоја донација.

Притоа, важно е да се идентификуваат вистинските институции и граѓански организации кои посветено, етички, транспарентно и одговорно соработуваат на донаторскиот проект. Токму ваквите организации се природен и клучен партнер во остварувањето на целите на донацијата.