Поврзувањето на ресурсите и целите на компаниите со знаењето на граѓанските организации поттикнува позитивни промени во општеството. Повеќегодишниот проект на ЕВН Македонија за едукација на учениците во основните и средните училишта во земјава за рационално користење и заштеда на енергија е одличен пример за ваквата синергија меѓу корпоративниот сектор и граѓанските организации во интерес на заедницата.
Осма година по ред, ЕВН Македонија, во соработка со неколку невладини организации, успешно го спроведува проектот за едукација на најмладите за енергетската ефикасност и придобивките од штедењето електрична енергија. Во првите четири години од проектот, преку организација на работилници за деца од девет и десет годишна возраст, во рамки на предметот запознавање на природата, беа опфатени 287 основни училишта во сите општини во Македонија. Наредните три години, проектот го поддржа формирањето на 41 училишен клуб во 25 општини ширум земјава, кои се посветија на различни теми од областа на енергетската ефикасност.
Идејата за проектот потекнува од фокусот кој ЕВН Македонија го става на односите со потрошувачите. Согласно стратешките заложби на ЕВН Македонија за енергетска ефикасност и за зачувување на животната средина преку филантропски активности токму во секторот во кој дејствува, компанијата започна со реализација на поширока платформа за енергетска ефикасност наменета за корисниците и граѓаните воопшто. Едукацијата започна преку директни кампањи, со флаери прикачени на сметките на корисниците кои објаснуваа за можностите за заштеда на енергијата и придобивките за семејниот буџет и за животната средина. Развивањето на свесноста за разумно користење на електричната енергија беше и првиот поттик за креирањето на Училишниот проект на ЕВН Македонија наменет за нејзините најмлади потрошувачи.
Во реализирање на проектот ЕВН Македонија одлучи да воспостави партнерство со невладиниот сектор, кој има големо практично, дидактичко и методолошко искуство за спроведување на ваков вид едукативни активности. Конкретно, целиот проект е координиран од здружението „Конект“, а во неговата реализација учествуваат и четири локални организации: „Центар за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ)“, „Младински совет Охрид“, „Жетва за знаење“ од Прилеп и „Планетум“ од Струмица. За потребите на проектот развиен е специјален курикулум, соодветни едукативни прирачници и разновиден вид материјали што остануваат во училниците за да се користат како нагледни средства. Инаку, проектот секоја година се надградува и дополнува со нови содржини конкурс за ликовни и литературни творби, коишто не ретко произлегуваат од барањата на самите ученици. Квизот претставува една од омилените активности на учениците.
Успешноста на проектот е мотив за негово продолжување и проширување . Последните години се развива младинска компонента при што се вклучат средношколци ширум земјата. Преку учество во едукативни работилници и летна школа со едукативно-забавен карактер, вклучените средношколци ќе ги променат сопствените навики за штедење енергија и ќе ги унапредат своите вештини за критичко размислување и комуникација и креативноста. Истовремено, тие ќе го прошират стекнатато знаење во заедницата, придонесувајќи кон развивањето на свесноста за енергетската ефикасност.
Училишниот проектот е добитник на Националната награда за ООП за 2008-ма година во категоријата вложување во заедницата (големи претпријатија) и националната Energy Globe Award, освоена во 2012.
Резултати
- Во првите четири години од реализацијата на проектот беа одржани 1.530 едукативни работилници на 34.588 ученици
- Во петтата, шестата и седмата година беа формирани 41 училишен клуб со по 20 учесници, вклучувајќи повеќе од 860 ученици
- Проектот придонесува за развој на свесноста за енергетската ефикасност кај најмладите и ја поттикнува нивната креативност
- Ги унапредува вештините на учесниците како од основните, така и од средните училишта и ги учи на општествена одговорност и придонес кон заедницата
10 часот навечер. Во релаксирана домашна атмосфера, сопружниците Тони и Марија се одмораат од секојдневните проблеми гледајќи добар филмски евергрин на телевизија. Занесени, не забележуваат како нивната 9-годишна ќерка Јана молчешкум излегува од нејзината соба и се приближува кон прекинувачот на светлото. Малку поткренувајќи се на прсти, Јана со нежното детско раче ја гаси светилката во дневната соба. На изненадените изрази на лицата на нејзините родители, овој пат осветлени само од екранот, малечкото девојче вели: „Нели ви е доволно светлото од телевизорот? Знаете ли дека колку повеќе струја трошиме, толку повеќе ја загрозуваме природата!“ Од каде толку зрели и одговорни мисли кај едно девојче? Малата Јана е една од многуте деца, кои имале можност да дознаат повеќе за енергетската ефикасност учествувајќи во училишниот проект на ЕВН Македонија за разумно користење на електричната енергија.