Одржан првиот Донаторски кружок во Македонија

За прв пат во Македонија во организација на Конект беше одржан Донаторски кружок – филантропски настан наменет за индивидуалните филантропи кои сакаат своите донации да ги насочат во граѓански организации.

Конект 10 години работи на поттикнување на филантропијата и се стреми да биде клучната алка за поврзување на донаторите со граѓанскиот сектор за создавање на позитивно влијание во општеството. Во јубилејната година од своето постоење Конект го формираше Донаторскиот кружок како платформа за поттикнување на индивидуалната филантропија. Веруваме во силни и одржливи граѓански организации што се потпираат на локални извори на финансирање и ги мобилизираат граѓаните и компаниите за поддршка. Затоа, преку Донаторскиот кружок градиме инфраструктура за поддршка што ќе им овозможи на граѓаните да донираат плански и обмислено во организации од доверба што посветено работат на решавање на општествените проблеми.

За првиот Донаторски кружок, Конект и Иницијативниот одбор ги одбраа организациите Отворете ги прозорците, ХОПС и Вилсон Македонија кои веќе ја имаат добиено довербата од своите постојани донатори, а се стекнаа и со довербата на околу сто нови донатори кои беа дел од Донаторскиот кружок.

Настанот покажа дека средствата кои секој индивидуалец може да ги издвои како донацијата претставуваат моќна алатка кога заеднички се насочуваат. Здружените донации помагаат во вистинско решавање на проблемите, а не само во санација на горливите прашања во општеството. Благодарение на здружените донации беше постигната целта на Донаторскиот кружок – беа собрани по 100 илјади денари за секоја од организациите. Со овие средства тие ќе го унапредат и подобрат животот на нивните корисници.

Конект верува дека преку обмислено и планско донирање предизвиците можат да бидат претворени во решенија. Затоа на Донаторските кружоци ќе бидат претставувани граѓански организации кои најдобро ги познаваат комплексните општествени услови и кои се специјализирани за одредени општествени појави. Сигурни сме дека преку секојдневно вложување во граѓанските организации ефектите од нивната работа на долг рок ќе бидат позитивни за сите.

Конект во следниов период ќе потпише договор за донација со организациите и ќе го следи нивното работење, а со донаторите ќе одржува редовна комуникација и ќе ги информира за реализацијата на нивната донација.

Донаторските кружоци е планирано да се одржуваат два пати годишно и на секој настан да се претставуваат две или три граѓански организации кои се транспарентни и посветени на својата мисија.

До одржувањето на следниот Донаторски кружок сите заинтересирани донатори можат да побараат совет директно во Конект или на konekt@konekt.org.mk за тоа каде паметно да ја вложат својата донација.

Локални бизниси на иновативни начини поддржуваат непрофитни цели

Без разлика на големината, голем број компании спроведуваат програми за поддршка на активностите на непрофитни/граѓански организации во различни области. Причините за ваквиот придонес варираат од целосно алтруистички, до комбинација од алтруизам и деловен интерес, при што преку вложување во заедницата, компаниите создаваат услови за подобри деловни резултати.

Според најголемата организација за евалуација на работата на добротворните организации во САД, Charity Navigator, на годишно ниво, компаниите во САД донираат околу 4.8 милијарди долари на непрофитни организации со реализација на различни програми за донации. Списокот на најголеми корпоративни донатори го објавува Центарот за фондации (Foundation Center), набројувајќи ги 50-те компании кои одвојуваат најмногу средства на годишно ниво, како и сумите што ги издвоиле за одреден временски период (Извор: http://foundationcenter.org/findfunders/topfunders/top50giving.html)

Македонските компании ги следат овие трендови и сѐ почесто се иницијатори на различни кампањи, чија цел е да се поттикне, унапреди или подобри состојбата во различни сфери од општествениот живот. Следејќи го примерот на американските компании, каде на списокот на 50-те најдарежливи корпоративни донатори сите, без исклучок, се фондации, и кај нас формирањето фондација за реализација и поддршка на активности од општествено значење е чест начин што македонските компании го прифаќаат и применуваат, за што има повеќе примери.

Фондацијата „Аполонија“, формирана од Групацијата Аполонија во Гевгелија е исклучиво фокусирана на поддршка на активности од значење за локалната заедница во соработка со локални граѓански организации и институции. Активностите што ги поддржува фондацијата опфаќаат формирање на локален центар за волонтери, социјализација на деца со посебни потреби, ликовна колонија, поддршка на млади музички таленти, заштита на животната средина и едукација на најмладите за оваа тема.

„Фондацијата Даути“ исто така спроведува различни програми за поширок општествен придонес, нудејќи можности за стипендирање на студенти, практикантска работа, како и помош на социјално ранливи категории на граѓани и придонес во издавачката дејност. Оваа фондација има програма за доделување на грантови на граѓански организации.

На сличен начин своите општествено одговорни активности ги спроведува и компанијата за производство на градежни материјали Ренова, која преку Фондацијата „Ренова“ редовно доделува стипендии за ученици од техничките факултети и средни училишта, донира финансиски средства и дел од своите прозводи за реконструкција и изградба на верски објекти и го поддржува фудбалскиот клуб „Ренова“, зајакнувајќи го спортскиот дух кај децата.

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ формирана од Алкалоид АД во 2007 година, секоја година реализира програма за стипендирање студенти по фармација и медицина, поддржувајќи ги младите студенти да бидат поуспешни и овозможувајќи им понатамошен професионален развој.

Иако најголем дел од компаниите своите општествено одговорни активности ги спроведуваат во текот на целата година, има случаи кога во одреден временски период од годината некои од нив спроведуваат кампањи за интензивирање на нивните филантропски напори, спроведувајќи дополнителни активности, како аукции и други начини за прибирање средства што ќе бидат подоцна донирани.

Позитивен пример за донаторска кампања која се спроведува во Македонија веќе три години по ред е кампањата „Од срце за срце“. Кампањата ја спроведуваат СОС Детско село, Шпаркасе банка и Медија Принт Македонија, со цел да се соберат средства за испраќање на децата од СОС Детско село на летен одмор. Партнерите-организатори на кампањата, освен што поединечно придонесуваат со сопствени ресурси, ги поттикнуваат и сите останати да се вклучат и да донираат, но и ја стимулираат детската креативност и навика за помагање и донирање од најрана возраст. Повеќеслојното значење и придобивки од оваа кампања го мултиплицираат нејзиното значење и придобивки.

Гугл, гигант во Интернет пребарување и филантропија

Почнувајќи како истражувачки проект кој настанал во студентски дом на Универзитетот Стенфорд, Гугл денес е компанија која вработува 53,000 луѓе и функционира на глобално ниво. Успехот на компанијата и остварените приходи (50 билиони УСД во 2012) овозможуваат секоја година милиони долари да бидат донирани за непрофитни цели, водејќи се од неофицијалниот слоган на компанијата: „Не биди злобен“.

Уникатната и дарежлива програма за корпоративно донирање на Гугл ги вклучува Наградите за глобално влијание за организации кои применуваат иновативен пристап во
решавањето на глобални проблеми. Во првиот циклус на доделување на награди биле доделени 23 милиони американски долари за различни цели, како: систем за бар кодови со кои се спречува трговијата со заштитени диви животни, систем за мониторинг на чиста вода, како и за активности за подобрување на образованието на младите.

23Придонесот на Гугл во решавањето на проблеми од глобални размери, во различни региони од светот не се состои само од монетарни донации. Софтверот Google Earth многу често се користи при активности за помош при елементарни непогоди, а нивната алатка за онлајн рекламирање (AdWords) ја ставаат на располагање на непрофитни организации за промоција на нивните цели и иницијативи на страниците на Гугл на кои се наброени резултатите од различни пребарувања.

Овие бесплатни реклами за непрофитни организации во износ од 10 000 УСД месечно, во Гугл ги нарекуваат грантови и ги доделуваат врз основа на апликација поднесена од организацијата.

Програмата за корпоративно донирање на Гугл ги вклучуваат и вработените и го охрабрува нивниот придонес. Секој вработен на полно или скратено работно време во Гугл има можност за удвојување на својата донација на одредена организација или едукативна институција во висина од 6 000 УСД. Истото важи и за донации наменети за помош при елементарни непогоди, што значи дека Гугл обезбедува до 12 000 УСД годишно по вработен за удвојување на индивидуалните донации.

Дополнително, Гугл ги удвојува средствата што вработените ги обезбедиле на настани за собирање на средсва, како маратони или добротворни вечери. Исто така, доколку вработените не се во можност да издвојата средства за индивидуална донација, можат да придонесат со волонтирање во одредена организација, при што за секои 5 часа волонтерски труд на вработениот, Гугл донира 50 УСД на конкретната непрофитна организација.

Оваа организација е навистина пример за глобално делување, како на полето на бизнисот, така и во областа на општествената одговорност и корпоративното донирање.

Содржината на овој текст е оригинално објавена на:

https://doublethedonation.com/blog/2013/02/google-matching-gift-program/

Дизни лидер во поддршката на благосостојбата на децата и семејствата

Walt_Disney_Company_logo_expo20101Речиси да нема човек на планетава кој не чул за Дизни. Слушајќи го ова име, брзо и лесно се присетуваме на карактерите од добро познатите анимирани и долгометражни филмови на оваа компанија, но и на популарните забавни паркови како Дизниленд и Светот на Дизни.

Овој меѓународен медиумски конгломерат остварува голем приход на годишно ниво, ангажирајќи преку 150,000 луѓе низ целиот свет. Но, големината на компанијата и нејзиниот филантропски пристап кон бизнисот се пресликува и во програмите за корпоративно донирање што континуирано ги спроведува.

Програмите за општествена одговорност на Компанијата Волт Дизни ја поддржуваат благосостојбата на децата и семејствата преку донации од материјален и нематеријален карактер, насочени кон организации кои се фокусираат на уметност и креативност, волонтерски активности, болници за деца, семејства на воени лица, како и на помош при елементарни непогоди.

Во 2012 година, вкупниот износ дониран за различни цели во рамки на постојаните програми што ги имплементира компанијата изнесувал повеќе од 292 милиони долари на глобално ниво, вклучувајќи монетарни донации и грантови за волонтирање. Притоа, вработените во компанијата придонеле со 586,259 часови волнтерски труд во непрофитни организации.

disnie-givingКако и многу други компании, Дизни спроведува програми со кои ги удвојува донациите што нејзините вработени ги даваат на непрофитни организации. Оваа можност ја имаат како вработените со полно работно време, така и оние на скратено, но со одредени програми истото се однесува и на членовите на семејствата на вработените, како и на пензионираните вработени.

Износот на индивидуланта донација по вработен што ја удвојува компанијата се движи од 25 до 15 000 американски долари.

Компанијата Дизни исто така нуди грантови за непрофитни организации во кои нејзините вработени избрале да волонтираат минимум 10 часа. Притоа, висината на грантот варира во зависност од бројот на волонтирани часови:

  • 10-24 часови волонтирање –> грант од $100
  • 25-49 часови волонтирање –> грант од $250
  • 50-74 часови волонтирање –> грант од $500
  • 75+ часови волонтирање –> грант од $1,000

Со оваа порграма, компанијата ги поттикнува вработените да приднесат што е можно повеќе со својот волонтерски труд и да обезбедат повисок износ за организацијата чии активности ги поддржуваат. Од почетокот на реализацијата на оваа програма, вработените на Дизни оствариле речиси 6 милиони часови волонтерски труд ширум светот.

Содржината на овој текст е оригинално објавена на: https://doublethedonation.com/blog/2013/02/spotlight-on-disney-a-leader-in-corporate-giving/

 

 

ЕВН и граѓанскиот сектор 8 години по ред ги едуцираат најмладите за енергетската ефикасност

Поврзувањето на ресурсите и целите на компаниите со знаењето на граѓанските организации поттикнува позитивни промени во општеството. Повеќегодишниот проект на ЕВН Македонија за едукација на учениците во основните и средните училишта во земјава за рационално користење и заштеда на енергија е одличен пример за ваквата синергија меѓу корпоративниот сектор и граѓанските организации во интерес на заедницата.

IMG_4137Осма година по ред, ЕВН Македонија, во соработка со неколку невладини организации, успешно го спроведува проектот за едукација на најмладите за енергетската ефикасност и придобивките од штедењето електрична енергија. Во првите четири години од проектот, преку организација на работилници за деца од девет и десет годишна возраст, во рамки на предметот запознавање на природата, беа опфатени 287 основни училишта во сите општини во Македонија. Наредните три години, проектот го поддржа формирањето на 41 училишен клуб во 25 општини ширум земјава, кои се посветија на различни теми од областа на енергетската ефикасност.

Идејата за проектот потекнува од фокусот кој ЕВН Македонија го става на односите со потрошувачите. Согласно стратешките заложби на ЕВН Македонија за енергетска ефикасност и за зачувување на животната средина преку филантропски активности токму во секторот во кој дејствува, компанијата започна со реализација на поширока платформа за енергетска ефикасност наменета за корисниците и граѓаните воопшто. Едукацијата започна преку директни кампањи, со флаери прикачени на сметките на корисниците кои објаснуваа за можностите за заштеда на енергијата и придобивките за семејниот буџет и за животната средина. Развивањето на свесноста за разумно користење на електричната енергија беше и првиот поттик за креирањето на Училишниот проект на ЕВН Македонија наменет за нејзините најмлади потрошувачи.

DSC_1324Во реализирање на проектот ЕВН Македонија одлучи да воспостави партнерство со невладиниот сектор, кој има големо практично, дидактичко и методолошко искуство за спроведување на ваков вид едукативни активности. Конкретно, целиот проект е координиран од здружението „Конект“, а во неговата реализација учествуваат и четири локални организации: „Центар за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ)“, „Младински совет Охрид“, „Жетва за знаење“ од Прилеп и „Планетум“ од Струмица. За потребите на проектот развиен е специјален курикулум, соодветни едукативни прирачници и разновиден вид материјали што остануваат во училниците за да се користат како нагледни средства. Инаку, проектот секоја година се надградува и дополнува со нови содржини конкурс за ликовни и литературни творби, коишто не ретко произлегуваат од барањата на самите ученици. Квизот претставува една од омилените активности на учениците.

Успешноста на проектот е мотив за негово продолжување и проширување . Последните години се развива младинска компонента при што се вклучат средношколци ширум земјата. Преку учество во едукативни работилници и летна школа со едукативно-забавен карактер, вклучените средношколци ќе ги променат сопствените навики за штедење енергија и ќе ги унапредат своите вештини за критичко размислување и комуникација и креативноста. Истовремено, тие ќе го прошират стекнатато знаење во заедницата, придонесувајќи кон развивањето на свесноста за енергетската ефикасност.

Училишниот проектот е добитник на Националната награда за ООП за 2008-ма година во категоријата вложување во заедницата (големи претпријатија) и националната Energy Globe Award, освоена во 2012.

Резултати

  • Во првите четири години од реализацијата на проектот беа одржани 1.530 едукативни работилници на 34.588 ученици
  • Во петтата, шестата и седмата година беа формирани 41 училишен клуб со по 20 учесници, вклучувајќи повеќе од 860 ученици
  • Проектот придонесува за развој на свесноста за енергетската ефикасност кај најмладите и ја поттикнува нивната креативност
  • Ги унапредува вештините на учесниците како од основните, така и од средните училишта и ги учи на општествена одговорност и придонес кон заедницата

10 часот навечер. Во релаксирана домашна атмосфера, сопружниците Тони и Марија се одмораат од секојдневните проблеми гледајќи добар филмски евергрин на телевизија. Занесени, не забележуваат како нивната 9-годишна ќерка Јана молчешкум излегува од нејзината соба и се приближува кон прекинувачот на светлото. Малку поткренувајќи се на прсти, Јана со нежното детско раче ја гаси светилката во дневната соба. На изненадените изрази на лицата на нејзините родители, овој пат осветлени само од екранот, малечкото девојче вели: „Нели ви е доволно светлото од телевизорот? Знаете ли дека колку повеќе струја трошиме, толку повеќе ја загрозуваме природата!“ Од каде толку зрели и одговорни мисли кај едно девојче? Малата Јана е една од многуте деца, кои имале можност да дознаат повеќе за енергетската ефикасност учествувајќи во училишниот проект на ЕВН Македонија за разумно користење на електричната енергија.